Претседателот во заминување Џо Бајден и првата дама Џил Бајден ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари, изјави вчера портпаролот на Белата куќа.
„Претседателот вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на кој и да победи на изборите“, рече портпаролот Ендрју Бејтс.
„Тој и првата дама ќе го испочитуваат тоа ветување и ќе присуствуваат на инаугурацијата“, рече Бејтс.
Трамп победи на изборите во САД на 5 ноември, а во Овалната соба ќе се врати на 20 јануари.
Традицијата налага претседателот во заминување и неговата прва дама да се сретнат со новата претседателска двојка утрото на Денот на инаугурацијата и да дојдат заедно во Капитол.
Републиканецот Трамп ја прекрши таа традиција и не присуствуваше на инаугурацијата на демократот Бајден во јануари 2021 година.
Трамп беше првиот претседател по Ендрју Џонсон во 1869 година кој одби да присуствува на заклетвата на неговиот наследник.