Американскиот претседател Џо Бајден во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја истакна потребата да се одржи „континуиран проток на хуманитарна помош во Газа“, соопшти Белата куќа.
Бајден, исто така, „го поздрави ослободувањето на уште двајца заложници од Газа и ја потврди својата посветеност на напорите да се обезбеди ослободување на сите преостанати заложници киднапирани од Хамас“, додаде Белата куќа.
Тој, исто така, го информираше израелскиот премиер за „американската поддршка за Израел и тековните регионални напори за одвраќање, вклучително и ново распоредување на американски воени сили“, според Белата куќа.
Две постари Израелки, приведени и држени како заложници од Хамас, се ослободени во понеделникот од Појасот Газа, потврдија од Кабинетот на израелскиот премиер и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.