Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска објави дека останува цврст во својот став против САД во врска со гонењето на основачот на Викиликс Џулијан Асанж.
Асанж, кој е австралиски државјанин, е во затвор во Велика Британија и се бори против екстрадиција во САД, кои сакаат да му судат под обвинение за шпионажа.
Откако централно-левичарската Австралиска Лабуристичка партија победи на општите избори минатата година, владата на нејзиниот лидер Албанезе остана на ставот дека САД треба да го прекинат гонењето на 52-годишниот основач на Викиликс, кој четири години е во затвор во Лондон додека се бори против екстрадиција.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен одговори на позицијата на Австралија за време на посетата на Бризбејн во саботата, велејќи дека Асанж е обвинет за „криминално однесување од исклучително сериозна природа“ по објавувањето на мноштво доверливи документи на САД пред повеќе од една деценија .
„Ја разбирам загриженоста и гледиштето на Австралија. Мислам дека е многу важно нашите пријатели да ја разберат нашата загриженост и по ова прашање“, изјави американскиот државен секретар за медиумите.
„Сето ова трае предолго. Доста е“, изјави денеска повторно австралискиот премиер.
Тој за медиумите истакна дека во неговите јавни коментари, Блинкен во голема мера го повторил ставот на владата на американскиот претседател Џо Бајден за време на доверливите разговори со австралиските владини претставници.
„Остануваме исклучително цврсти во нашето мислење и нашите изјави до американската влада и ќе продолжиме во тој дух“, додаде премиерот на Австралија.
За Асанж, чија слобода нашироко се смета за тест за тоа колку Австралија може да има влијание врз американската влада, беше разговарано на билатералниот состанок во Бризбејн минатата недела помеѓу Блинкен и австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг.
Таа во саботата рече дека желбата на Австралија е обвинителството „да дојде до заклучок“. Австралија останува поделена околу тоа дали САД треба да се откажат од кривичното гонење на Асанж или да се договорат за признавање вина.
Обвинението против основачот на Викиликс е составено од 18 точки, од кои 17 се за шпионажа и една точка за хакирање на базата на податоци, во врска со објавувањето на стотици илјади доверливи дипломатски и воени документи во 2010 година.
Американските обвинители го обвинија дека и помогнал на американската воена разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг да украде доверливи дипломатски депешеа и воени досиеја во 2010 година, кои беа објавени од Викиликс, ставајќи ги во опасност животите на многу луѓе. Позицијата на Австралија е дека постои разлика помеѓу начинот на кој САД се однесуваат кон Асанж и третманот кон Менинг. Тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави Барак Обама ја ублажи казната на Менинг од 35 на 7 години, што доведе до нејзино ослободување во 2017 година.
Откако беше уапсен во 2019 година поради прекршување на условите за кауција во друга правна битка, Асанж се наоѓа во максимално обезбедениот затвор Белмарш.
Тој претходно помина седум години во просториите на амбасадата на Еквадор во Лондон во обид да избегне екстрадиција во Шведска, каде што мораше да се соочи со обвиненија за силување и сексуален напад. Шведска ја затвори истрагата за сексуално злосторство во 2019 година поради застареност на делото.