Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека е длабоко загрижен поради сериозното намалување на американската странска помош, што според него ќе биде „особено катастрофално“ за ранливите луѓе ширум светот.
„Спроведувањето на овие намалувања ќе го направи светот помалку здрав, помалку безбеден и помалку просперитетен“, им рече тој на новинарите, пренесе Ројтерс.
Како што истакна, намалувањето на хуманитарната улога и влијание на Америка би било спротивно на американските интереси на глобално ниво.
Генералниот секретар на ОН претходно на форум на Советот за човекови права на ОН во Женева изјави дека човековите права се задушуваат.
„Човековите права се кислородот на човештвото. Но ги задушуваат“, рече Гутереш, наведувајќи ги „автократите и патријархатот“, како и „воените хушкачи и климатската криза“.
Во истиот говор тој изрази сериозна загриженост за порастот на насилството на Западниот Брег и повиците на анексија.