Организацијата за човекови права Амнести интернешнал повика денеска на прекин на огнот во Појасот Газа и апелираше до Хамас да ги ослободи израелските заложници.
„Примирјето од сите страни е најитниот чекор за да се олесни масовното страдање, да се спречи понатамошна загуба на животи и да се обезбеди заштита на сите цивили“, се вели во соопштението на Амнести интернешенел. Групата, исто така, ги повика Хамас и другите вооружени групи „веднаш ослободете ги цивилните заложници во Газа“ и посочи дека киднапирањето заложници е воено злосторство, пренесува „Ал Џезира“.
„Оние кои се уште се живи поминаа повеќе од девет месеци како заложници, далеку од своите најблиски. Не може да има оправдување за нанесување таква траума и страдање на нив и на нивните семејства“, изјави директорката за истражување, застапување, политика и кампањи на Амнести интернешнал, Ерика Гевара-Росас, пренесува Танјуг.