– Американски разузнавачи сугерираат дека Кина „веројатно“ и обезбедува на Русија воена технологија за потребите на војната во Украина.
Во официјален, декласифициран извештај од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање се вели дека Кина испорачува опрема за двојна употреба, и покрај меѓународните санкции и извозните ограничувања.
Во извештајот се тврди дека царинските записи покажуваат дека кинеските „државни одбранбени компании испорачуваат опрема за навигација, технологија за попречување и делови за борбени авиони на санкционирани руски државни одбранбени компании“. Овие бројки ја потврдуваат загриженоста изразена минатата недела од Емануел Боне, главен дипломатски советник на францускиот претседател Макрон.
Боне за Си-Ен-Ен изјави дека Кина ѝ доставува на Русија предмети што може да се користат како воена опрема, иако не во големи количини. Кина постојано негира дека праќа воена опрема во Русија по инвазија на Москва врз Украина во февруари минатата година.