­

Американски медиуми: САД повлекуваат 10.000 војници од Европа


amerikanska-vojska-EPA.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пентагон го разгледува предлогот за повлекување до 10.000 американски војници од Источна Европа, што предизвика загриженост кај американските и европските претставници, објави „Ен-би-си њуз“, повикувајќи се на шест извори запознаени со планот.


Тие се од силите распоредени од американската армија по руската инвазија на Украина во 2022 година. Тогаш администрацијата на претседателот Џо Бајден испрати дополнителни 20.000 војници во источното крило на НАТО за да ја зајакне одбраната на сојузниците долж украинската граница. Според информациите на „Ен-би-си“, сегашниот предлог вклучува можност за повлекување до половина од овие сили.

Дискусијата за намалување на военото присуство доаѓа во време кога Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина, тврдат американски извори.

Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека очекува европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана, бидејќи Вашингтон сака да ги пренасочи воените ресурси кон Кина и другите глобални приоритети.

Во февруари, новиот министер за одбрана на САД, Пит Хегсет, за време на неговата прва надворешнополитичка посета на Брисел, изјави дека „стратешките околности не дозволуваат САД да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа“. Фокусот, рече тој, ќе биде на одбраната на јужната граница на САД и на одвраќањето на Кина.

Според Ен-Би-Си, некои европски функционери стравуваат дека овој потег може да се сфати како знак за американско повлекување од Европа, што според нив ќе ја охрабри Русија.

„Русија би го протолкувала намалувањето на американските сили како слабеење на одвраќањето и би била поподготвена да се меша во европските работи“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).

Бен Хоџис, пензиониран генерал кој командуваше со американските сили во Европа, предупреди дека повлекувањето значително ќе ги ослабне одбранбените способности: „Полска и Романија ја зајакнуваат својата одбрана, но тоа сепак ќе остави празнина што некој ќе треба да ја пополни“, рече тој.

На сослушувањето во Сенатот, републиканскиот сенатор Роџер Викер ја критикуваше можноста за повлекување:

„Длабоко сум загрижен за опасните ставови на некои бирократи од среден ранг во Министерството за одбрана. Тие работат на повлекување на САД од Европа – честопати без знаење на министерот за одбрана“.

„Ен-би-си“ пренесува дека портпаролот на Пентагон не го коментирал случајот, а американската војска исто така одбила да даде официјална изјава.

Во исто време, администрацијата на Трамп спроведува кратења во буџетот за одбрана, а повлекувањето на дел од силите од Европа би овозможило прераспределба на средствата во индо-пацифичкиот регион, кој Вашингтон го смета за постратешки важен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK