Соединетите Американски Држави во моментов не планираат да го зголемат своето воено присуство на Гренланд, изјави портпаролот на американската амбасада во Копенхаген.
Тој го изјави ова откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес за припојување на Гренланд кон САД.
„Немаме планови да го зголемиме сегашното американско воено присуство на Гренланд“, изјави портпаролот за Ројтерс.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави вчера дека Данска е „отворена за дијалог“ со Трамп во врска со безбедносните прашања на Гренланд, но рече дека е малку веројатно Гренланд некогаш да стане дел од САД.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека е уверен оти новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе признае дека Гренланд е дел од Кралството Данска, иако тој призна дека реториката на Трамп понекогаш може да биде „дестабилизирачка“.
Зборувајќи за радио Би-Би-Си, Лами рече дека од првиот мандат на Трамп било јасно дека интензитетот на неговата реторика и непредвидливоста на неговите изјави понекогаш може да предизвикаат нестабилност.
На прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД, Лами рече дека, според него, Трамп е фокусиран на неговите прашања за Русија и Кина на Арктикот, како и на националната економска безбедност.
„Сигурен сум дека Трамп смета дека Гренланд е дел од Кралството Данска“, рече Лами.