Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека има докази оти севернокорејските војници се во Русија и останува да се види што ќе направат таму.
„Постојат докази дека севернокорејските сили се во Русија“, изјави Остин пред новинарите во Рим денеска, пренесе Ројтерс.
„Што точно прават таму? Тоа останува да се види. Тоа се работите што треба да ги средиме“, додаде Остин.
Како што објави „Њујорк тајмс“, Остин го нарече присуството на севернокорејски војници во Русија „многу сериозна ескалација“ што „ќе има последици и во Европа и во Азија“.
Синоќа украинскиот претседател наведе разузнавачки информации за подготовка на две бригади во кои има до 12.000 севернокорејски војници, кои треба да учествуваат во војната против Украинците рамо до рамо со руските војници.