Адам Кадиров, 16-годишниот син на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој оваа година беше снимен како тепа затвореник во притвор, е назначен за набљудувач во новиот баталјон кој е дел од силите на руското Министерство за одбрана, јавува Ројтерс.
Адам Кадиров, кој минатата недела наполни 16 години и неодамна беше назначен за главен телохранител на неговиот татко, беше снимен во септември како удира со тупаници и клоца затвореник обвинет за палење на Куранот. Рамзан Кадиров, верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, тогаш изјави дека е горд на својот син и дека го почитува Адам бидејќи ги стекнал „идеалите за чест, достоинство и одбрана на својата религија“.
Адам Делимханов, кој ја предводи чеченската дивизија на Руската национална гарда и исто така е член на рускиот парламент, рече дека младиот Кадиров бил назначен за набљудувач на стрелачкиот вод.
„Ова назначување е природен резултат на значајните заслуги на Адам во одржувањето на верските, семејните и културните вредности на нашиот народ“, рече Делимханов, кој се смета за втор највисок функционер во Чеченија по Кадиров.
Според руските државни медиуми, претходно овој месец беше формиран чеченски стрелачки одред. Сега е дел од силите на руското Министерство за одбрана. Рамзан Кадиров, кој владее со Чеченија од 2007 година, испрати илјадници свои борци во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.