Според порталот sdk.mk генералниот секретар на Владата Игор Јанушев пријавил дека во 2023 година по основ на договор за подарок се стекнал со градежно изградено земјиште од 165 м2 со вредноста од 20 милиони денари, или 325 илјади евра.
Во една правна држава, кај антикорупционерите од ДКСК, но и кај премиерот ова веднаш би требало да крене „црвено знаменце“ (“red flag”), односно аларм за потенцијална корупција и да активира AML (anti money laundering) процедури, т.е. процедури против перење пари.
Познато е дека во банките, но и кај нотарите, постојат многу строги, меѓународно наметнати AML процедури за испитување на потеклото на внесена готовина во износ од над 15 илјади евра. Имено, доколку вложиме над 15 илјади евра готовина на својата банкарска сметка, веднаш се активира AML процедура за испитување на потеклото на парите. Банкарските службеници поминуваат обуки за да препознаат таканаречени „сомнителни трансакции“, односно трансакции без економска логика, што укажуваат на перење пари. Ние нема ни да бидеме свесни дека тие нас не анализираат и пријавуваат таму каде што треба.
Во случајот со земјиштето нема готовинска трансакција, но има имотна трансакција. Трансакцијата дефинитивно е сомнителна, бидејќи добивањето 325.000 евра вреден имот на подарок нема економска логика, па нотарот бил должен да започне AML процедура пред запишување на промената на сопственоста во катастар. Тука не смее да постои апсолутно никаква разлика во третманот во однос на готовинските трансакции. Доколку се докаже дека нотарот не известил за сомнителната трансакција таму каде што треба, би требало и него да го „изгорат“ со одземање на лиценцата и испраќање зад решетки на 5-10 години.
Изјавата дека имотот бил стекнат со подарок, доколку подарокот не бил наследство од родителите, не е доволна и надлежните служби веднаш морале да започнат постапка за испитување на потекло на имотот на наводниот „дародавач“ во оваа сомнителна трансакција. Доколку бил бизнисмен, требало да му извршат „чешлање“, односно ревизија на целокупното работење во изминатите 5 години, бидејќи се работи за навистина сериозна сума. За 325.000 евра веќе требало да работи и финансиската полиција и Јавното обвинителство.
Од своја страна, премиерот веднаш морал да го суспендира генералниот секретар се до расчистувањето на случајот, за да не остави место за сомнеж дека тој одобрува сомнително и многу веројатно коруптивно однесување. За ова не е доцна и сега и истото треба да го направи веднаш.
Симптоматично е што сегашниот секретар на Владата минатата година бил осуден на две години затвор заради корупција со набавката на кинеските автобуси, но благодарение на декриминализацијата на кривичните дела поврзани со злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од КЗ) казната му била укината. Разочарувачки е што лице со вакво минато воопшто било назначено за генерален секретар во Владата. Можеби не е спротивно на законот, но сигурно не е етички – луѓето кои седат таму не би смееле да имаат најмала дамка во биографијата, а камоли кривични процеси.
Сега станува јасно и зошто пратеницие на ВМРО-ДПМНЕ, со обезбедувањето на кворум во парламентот при изгласувањето на овие криминални измени во КЗ им помогнале на пратениците од СДСМ и ДУИ. Гледаме дека некои од нив многу бргу и самите се офајдиле од декриминализацијата.
Просто неверојатно е како ниту еден од 120 пратеници досега не реагирал на најновиот скандал. Доколку премиерот веднаш не реагира, не го суспендира генералниот секретар (слично како Драги Рашковски и Мухамед Зекири во претходната Влада), би требало раководствата од коалицијата Вреди (Влен) и движењето ЗНАМ веднаш да ги повлечат своите министри од Владата или барем да побараат интерпелација. Во спротивно, би покажале дека нив ги интересира само голата власт, а не доброто на државата. Што чекаат пак и министрите, зар не им пречи да имаат таков секретар во Владата?
Ова претставува премногу крупен скандал и потребна е решителна реакција, доколку погоре наброените не сакаат и самите да бидат етикетирани како соучесници. Подобро е проблемите да се решаваат уште на почетокот, отколку откако ќе земат замав, слично како што забот полесно се лекува на почетокот, отколку да се чека целиот да се расипе.
Граѓаните, вклучувајќи ги членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ исто така треба да извршат притисок за расчистување на случајот. Тие секако не се виновни, бидејќи при гласањето на парламентарните избори не ги поседувале овие информации, но сега откако ги поседуваат, не смеат да поддржуваат коруптивно однесување.
Ова е веќе капката што ја прелева чашата, ако назначувањето стручно некомпетентни лица од централните органи на партиите на министерски, заменик-министерски и директорски позиции, газејќи го мерит-системот, не претставувало доволна провокација. Професорката Најчевска веќе направи еден комплетен омаж на сите членови на Владата.
Да не заборавиме и дека најавеното давање на бизнисот со ветропарковите на странски инвеститори, при што државата би се откажала од сопствени буџетски приходи од производство и продажба на електрична енергија, претставува исто така погазување на принципот за самоодржливост на земјата, што беше нашироко рекламирана во предизборието.
Тоа што претходната власт правела криминали, не може и не смее да претставува оправдување за непринципиелно однесување, бидејќи граѓаните гласаа за промени, а не за замена на една беља со друга, односно само за највулгарна поделба на изборниот плен помеѓу Курто и Мурто.
За жал, само две недели по формирањето на новата Влада може да се констатира дека таа претставува едно големо разочарување, што на Македонија најверојатно нема да и ги донесе долго очекуваните промени.
Како дополнителен заклучок може да се додаде дека малите партии, доколку влезат во коалиција со многу поголем коалициски партнер, не се во состојба да воведат никакви промени во политиката и општеството. Тие или ќе бидат принудени да гласаат во парламентот против својата волја, заради зачувување на позицијата, или во еден момент ќе ја напуштат коалицијата поради непремостливи и неподносливи разлики.
Тоа што коалицирањето може да им изгледа како привремено корисна работа, на наредните избори може да им донесе целосно фјаско, поради разочараноста кај гласачкото тело.