Проф. Трајковски: За енергетскиот суверенитет на Македонија (или: кој пат ќе го фатиме во електроенергетиката?)

trajkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

За енергетскиот суверенитет на Македонија
(или: кој пат ќе го фатиме во електроенергетиката?)







Времето на термоелектраните на јаглен во Македонија брзо истекува и веќе во 2030 година производството на електрична енергија од јаглен ќе биде сведено на нула. Падот на производството ќе го забележиме уште во 2026 година, кога согласно со потпишаниот договор со ЕУ, односно нивниот ултиматум, треба да престане со работа ТЕЦ „Битола 1“. Но, дури и без овој договор, јагленот во рудникот „Суводол“ е при крај. Во рудникот „Брод-Гнеотино“ јаглен има, но со прилично послаб квалитет, додека експлоатацијата во рудникот „Живојно“ со подземен ископ најверојатно нема никогаш ни да започне. Во рудникот Осломеј јагленот исто така е при крај, а „мазутарата“ ТЕЦ „Неготино“ произведува толку скапа струја, што освен во зима и во крајна нужда воопшто не се исплати. Какви ни се тогаш алтернативите за домашно производство на електрична енергија?

1. Адаптација на РЕК „Битола“ на природен гас. За ова одамна се зборува, но ништо не се презема. Откако за Русија станавме непријателска земја, слободно можеме да заборавиме на евтин природен гас, доведен на најевтиниот начин, преку цевковод. Но, да речеме дека ќе го набавуваме од други извори. Колкава би била цената на електричната енергија добиена од гас? Денешната „спот“ цена на природниот гас во Европа изнесува околу 40 EUR/MWh (извор: https://www.eex.com/en/market-data/natural-gas/spot). Степенот на корисно дејство на битолската електрана со адаптираните котли (без комбиниран циклус, т.е. без користење на гасни турбини, туку само со постоечките парни турбини) веројатно нема да достигне 35%, односно 0,35. Така, цената само на гасот за производство на еден мегаватчас електрична енергија ќе изнесува најмалку 40/0,4 = 114 EUR/MWh. Бидејќи се работи за стара електрана којашто е целосно економски амортизирана, нема да пресметуваме амортизациски трошоци, освен за адаптацијата на котелот. Би имало трошоци и за вработените, но многу помалку отколку сега, бидејќи рудникот нема повеќе да работи. Сé на сé, цената на мегаватчасот од гасната ТЕЦ „Битола“ би изнесувала најмалку 125 EUR/MWh. За споредба, моментално РЕК „Битола“ ја продава електричната енергија по цена 56 EUR/MWh, односно повеќе од двојно поевтино. Споредено денеска, на крајот од летото, со денешната цена на слободниот пазар, т.е. од увоз, којашто изнесува од 80 до 150 EUR/MWh, средно околу 110 EUR/MWh, цената на нашата енергија од гас би била практично иста како увозната. Единствено во зима би можела да биде поевтина од увозната, но само доколку купуваме гас преку лето и го складираме (што исто така има цена), инаку во зима цената лесно би можела да достигне 200 EUR/MWh.

2. Сончеви (фотоволтаични, фотонапонски) електрани. Да ја пресметаме најпрво реалната цена на енергијата доколку државниот ЕСМ сам би произведувал електрична енергија од Сонцето. Цената на изградбата на фотонапонската електрана (ФН панели и DC/AC инвертери), без складирање на енергијата и на државно земјиште, денеска изнесува околу 800.000 EUR/MWh, евентуално и помалку. При просечно дневно време на сончева ирадијација од 4,1 часа (сведено на номиналната моќност), 1 MW инсталирана моќност може да произведе годишно околу 1.500 MWh енергија, односно за 25 години вкупно 37.500 MWh електрична енергија. До моментот на исплатувањето на инвестицијата по 25 години, средната цена на електричната енергија би изнесувала 800.000 EUR / 37.500 MWh = 21 EUR/MWh. Оваа цена треба малку да ја зголемиме поради каматните трошоци и евентуалните дефекти на опремата, но реално е да очекуваме цената да не надмине 30 EUR/MWh (поверојатно е околу 25 EUR/MWh), што моментално е најевтината варијанта, споредлива со хидроцентралите. Единствениот недостаток е што оваа цена важи преку ден, додека грее Сонцето, а цената во вечерните и ноќните часови ќе биде поголема за износот на цената на складирањето. Порано видовме дека складирањето со литиум-јонски батерии чини од 75 до 115 EUR/MWh, додека со реверзбилни хидроцентрали, каква што е планираната пумпно-акумулациона хидроелектрана (ПАХЕ) „Чебрен“, цената зависи од инвестицијата за нејзината изградба. Доколку ни ја градат странци за една милијарда евра, складирањето би нé чинело околу 56 EUR/MWh. Доколку би ја граделе самите за 520 милиони евра, складирањето може да нé чини речиси двојно поевтино, односно околу 29 EUR/MWh.
За да не се изгубиме во ова море од бројки, да ја подвлечеме најважната цена на домашното производство на енергија, добиена од фотоволтаици и складирана во ПАХЕ „Чебрен“. Таа може да биде и само 25+29 = 54 EUR/MWh, а дење двојно помалку, околу 25 EUR/MWh, но само доколку самите градиме сé. Така цената на ноќната енергија би била практично еднаква со сегашната цена на енергијата од ТЕЦ „Битола“, а дневната двојно поевтина.

Вака најдобро можеме да ја согледаме и важноста на ПАХЕ „Чебрен“. Таа би претставувала објект на критичната инфраструктура, односно ‘рбет на идниот електроенергетски систем на земајата – но само под услов целиот да биде наш, а не само една третина, односно сите 330 MW, а не само 110 MW инсталирана моќност. Токму затоа ПАХЕ „Чебрен“ мораме да ја градиме самите, па макар ги откажале автопатиштата и ги пренасочиле парите во „Чебрен“. Вака сериозно сме ги измешале приоритетите, ќе градиме нешто непотребно и неисплатливо, а нема да градиме нешто критично важно за државата. Да се потсетиме, времето бргу поминува и веќе во 2030 година ние ќе останеме без 2/3 од производствените капацитети за електрична енергија. Преостаната третина се хидроелектраните, но што ќе биде ако и ХЕ „Тиквеш“ ја подариме на Грците, како што прочитавме денеска? Каква е користа од тој самоубиствен чекор, да се откажеме од 100 MW во функционална ХЕ за да добиеме само 110 MW во ПАХЕ, која допрва треба да се гради и тоа со наши пари?
Дали остана некаква институција во државата што може да наложи увид во сите техноекономски пресметки на предложената ПАХЕ „Чебрен“ и да ги достави за анализа на нашите технички факултети и економски институти?

3. Други опции за производство на електрична енергија практично немаме. Нуклеарната електрана е прескапа за нас, немаме кадар, немаме ни голема река за нејзино ладење, а немаме ни време за изградба.

4. Хидроелектраните се одличен избор, пред сé проектот „Вардарска долина“, која за цена од 1,5 милијарди долари, т.е. помалку од делниците автопат што ќе се градат во западна Македонија, можат да ни обезбедат една третина од потребната електрична енергија. Но, слично како со ПАХЕ „Чебрен“, под услов да важи цената пресметана од ЕСМ, а не двојно повисоката што ја прочитавме во информациските медиуми. За жал, цената на мегаватчасот електрилна енергија од „Вардарска долина“ би бил значително повисока отколку од сегашните хидроелектрани, но дури и така повеќе би се исплатела од автопатиштата, а да не заборавиме и дека се работи за стратешка инфраструктура од која што ќе зависи функционирањето на државата. Добра страна на хидроцентралите е таа што после исплатувањето на почетната инвестиција, тие можат да работаат со децении со минимално одржување и да даваат многу евтина енергија.

5. Последната алтернатива претставува увозот на електрична енергија. За тоа не мораме самите да правиме ништо, односно можеме мирно да седиме и да гледаме како термоцентралите згаснуваат и да ги предаваме хидропотенцијалите на странци за бадијала. Цената на енергијата би изнесувала од 100 до 200 EUR/MWh, а најлошо од сé, покрај високата цена, би било што не би имале никаква предвидливост на цената и количествата на електрична енергија. Како што моментално стојат работите, изгледа дека токму оваа, најнеповолна варијанта ќе биде нашата судбина.

Доколку се одлучиме за фотонапонски електрани и ПАХЕ „Чебрен“, најважен аспект ќе претставува изградбата на електроенергетските капацитети во сопствена режија, со домашни јавни и евентуално приватни претпријатија, како што се градело во време на СФРЈ и благодарение на што ние имаме струја до денешен ден. Без никакви јавно-приватни партнерства за сопственоста, особено не со странски компании, а најмалку грчки. Доволно е да се потсетиме што не снајде со ОКТА и Македонски Телеком. Ако градиме самите, би се вработиле многу домашни работници, а работа ќе има за следните 40 години, односно сé додека ги изградиме сите планирани хидроцентрали. Целата наша економија би се раздвижила, а дали има нешто поубаво од тоа? Работниците би ги трошеле парите дома, наместо странските компании да го изнесуваат профитот во своите матични земји.
Кога сме кај градбата со сопствени сили, тоа не важи само за ПАХЕ „Чебрен“, туку и фотонапонските електрани би требало да ги гради ЕСМ на непрофитна основа. Од народ за народ, заради добивање евтина електрична енергија. Оние 300 MW инсталирана моќност што се досега изградени од приватни компании можеме слободно да ги отпишеме и заборавиме; тие не се наши, народни. Цената на енергијата не е загарантирана и нема да биде ниска, бидејќи сопствениците ќе ја продаваат на отворениот пазар. Нам ни треба стабилна цена, изведена од трошоците на инвестицијата што државата од буџетот треба да ја направи за своите граѓани. Досегашните 10 MW фотоволтаици во Осломеј и планираните 20 MW во РЕК Битола не претставуваат практично ништо. Ако веќе сме се определиле за фотоволтаици, мора сé да се фрли на таа карта и напорно да се работи, бидејќи 2030 година ќе дојде многу бргу.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK