Проф. Трајковски: Многу ме разочараа господата соработници од МАНУ и ЕСМ на презентацијата и дискусијата за реверзибилната електрана „Чебрен“

trajkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

МАНУ и ЕСМ како извори на дефетизам и поддржувачи на раскрчмувањето
Многу ме разочараа господата соработници од МАНУ и ЕСМ на презентацијата и дискусијата за реверзибилната електрана „Чебрен“ во четвртокот во Стопанската комора. Постојано повторуваа дека државата била неспособна да изгради хидроцентрала, па затоа сме морале да се задоволиме со 33% учество во јавно-приватно партнерство.

Упорно прашуваа зошто за 20 години во Македонија не се изградила централа, очекувајќи одговор дека не сме биле способни за тоа. Велеа дека, доколку државата ја градела ПАХЕ „Чебрен“, наместо 7 години ќе ја градела 30 години и ќе не чинела 5 милијарди евра, бидејќи сме биле неспособни неработници. Велат, резултатот би бил ист како со автопатот од Охрид до Кичево, кадешто за 10 години изградбата не стигнала до никаде. Наместо техничка и финансиска анализа, главен аргумент им беше нашата наводна неспособност, за чие искоренување никогаш не понудија решение.


Единствено стигнав да им одговорам дека токму државата, во Титово време ги изградила сите наши термо и хидроцентрали, финансирани дури и од домашни банки, без никакви партнерства со странци и без загуба на енергетскиот суверенитет. Благодарение на тие државни електрани, изградени од наши луѓе и со наша памет, ние и до денешен ден колку-толку имаме струја.

Се чудам што ништо не ги влече, што не чувствуваат никаков предизвик да изградат нешто самите, наместо да го раскрчмуваат националното богатство и да го уништуваат домашиот градежен сектор. Јас лично самиот прв би отишол во Чебрен да учествувам во изградбата, да ги вработиме нашите луѓе и да им оставиме нешто на идните генерации, исто како што претходните граделе и ни оставиле нам.

Што би било решение? Во државата имаме многу неискористена работна сила, што може да се искористи со мали дополнителни трошоци. Пред се, тоа се затворениците, кои ги користел и Тито за изградба на инфраструктурни проекти. Потоа околу 1.000 „рамковни“ вработени кои примаат плата, а просто плачат за работа. Имаме превработени и во Македонски железници, кои наместо да се отпуштат, можат да се распоредат на изградба на ПАХЕ „Чебрен“ или да се ангажираат за подигнување на државни фотонапонски централи.

Конечно, имаме безброј државни институции, агенции и 20-30 непотребни државни факултети со малку студенти, каде неколку илјади луѓе секако примаат плата, а би можеле да бидат попродуктивно вработени. Како што реков, прв би заминал во Чебрен и би ми претставувало чест и задоволство да градам и да им оставам нешто на идните генерации. За некои специфични инженерски позиции можат да се најдат стручни лица од странство преку рикрутори. Се би било многу поевтино отколку препуштање на целокупната изградба и инвестирање на странци.

Неработењето и трошењето позајмени пари е сигурен пат во банкрот и пропаст на државата. Така било во социјализмот, така е во капитализмот, така ќе биде секогаш и секаде.
Вака Грците ќе профитираат на наша почва од нашата вода и нашата глупост, нашата држава ќе продолжи да се задолжува за да финансира непродуктивни работни места и да увезува скапа струја, а младите ќе се доиселат. Времето ќе покаже дека јавно-приватното партнество, наместо потпирањето на сопствени сили, ќе биде гробарот на Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK