Фотоволтаична централа – соларна фарма на излезот од с. Логоварди, во најплодниот дел од Пелагонија. Тука до лани имаше прекрасна жолта нива со маслодајна репка (канола). Со некаква правна вратоломија ова земјиште е прогласено за трета или којзнае каква класа и од земјоделско е пренаменето за ФН централи.
Обработливото земјиште е единствениот природен ресурс на планетава што е ограничен и што не може да се создаде, а тука во наредните 30-50 години нема ништо повеќе да расте.
Ова е приватна централа и не мора да ја продава електричната енергија по цена од 90% од цената на ЕСМ (0,9*53 = 47,7 евра/MWh, за колку што ЕВН им ја откупува на домаќинствата), туку ја продава преку трговците со струја и берзата на домашната индустрија или во странство. Ако цената не им одговара, едноставно можат да ја исклучат електраната за да ја штедат опремата. Ова не е нуклеарна електрана, па да мораат да плаќаат пари за да им ја преземат енергијата при висока понуда, а мала побарувачка.
Бидејќи оваа енергија се извезува, а граѓаните можат да имаат од неа корист само во лето и дење, т.е. кога берзанската цена е ниска, од овие приватни ФН централи корист има само државата поради прибраниот ДДВ. Но, ако размислиме подобро, бидејќи ја оптоваруваат преносната мрежа на МЕПСО и одземаат од капацитетот за пренос на електричната енергија од домашните производители за домашниот пазар, користа лесно може да се претвори во штета.
Наскоро може да се случи по далноводите да циркулираат само струите од овие електрани, коишто никнуваат како печурки после дожд, па да мора да се засилува преносната мрежа на МЕПСО, но и на ЕВН. Кој ќе плати за тоа? Моментално „зелената енергија“ има највисок приоритет и државата законски е должна да го преземе целото произведено количество енергија од обновливи извори. Ако преносните линии не се соодветно димензионирани за толкаво производство, може да се случи напонот претерано да расте, а трансформаторите да не можат да го издржат оптоварувањето.
Се разбира, релејната заштита тоа нема да го дозволи (ќе ги исклучи ФН централи што ја преоптоваруваат мрежата), но тогаш државата може да биде преплавена со тужби, бидејќи не им ја примила енергијата во мрежата, а била должна да го направи тоа штом им дале дозвола за изградба и приклучување. Така стојат работите кога на приватниците државата им ветува Елдорадо за фотоволтаици.
Наместо државата прва да започне да гради ФН централи и паралелно да ја засилува мрежата, приватниците побргу се снајдоа и користат прилика.
Инаку, ако сега веќе ја имавме ПАХЕ „Чебрен“, државата и приватниците ќе можеа да ја складираат енергијата од фотоволтаиците дење, за потрошувачка навечер. За складирањето ќе плаќаа околу 50 евра/MWh (двојно помалку отколку со литиум-јонски батерии), но затоа навечер ќе можеа да ја продаваат по 100-200 евра/MWh. Пазарот е гладен за складирање, но ако им дозволиме на Грците да го земат „Чебрен“, кајмакот ќе го соберат тие. Ќе складираат енергија за Грција, а ние нема да имаме каде да ја складираме нашата енергија.