Орту орбоД народе, свртен наопаку.
Нѐ стаса данокот на ,,мир и толеранција” со ,,човекови права” во пакет. Толерантни во име на ,,оазата на мирот” го трпиме ,,човекот” кој удира по сите права на правото.
Ги трпиме последиците што на дунстери им стававме преодни оценки, а на болно амбициозните петки, што би рекол Чомски, нѐ стаса ,,одмаздата на двојкашите”! Истите тие купуваат дипломи, пречкртуваат оценки и тепаат за работни позиции.
Допрва ќе гледаме како умните и воспитаните тезгарат на Бит Пазар, а тезгарошите со петарди им ликуваат. Невоспитани, потпросечни, но со болни амбиции за премиери, претседатели, директори и слични примерни позиции, сѐ побргу и посигурно си ги остваруваат умоболните амбиции.
И така, додека воспитаните макотрпно учат, невоспитаните стократно заработуваат. Таков ни е воспитно-образовниот процес, кој за што си учел, толку ќе си има. Не така одамна, еден врвен професионалец како д-р Јовев, на сила беше симнат од функција, од функционално неписмени колеги, на кои сто години ќе им се малку да го сработат тоа што д-р Јовев го има сработено на Клиника.
Сега насилен упад кај контролорите на летот. Ќе нема веќе ни кој да нѐ лечи, а ни кој да нѐ лета! Кога Икар ќе посака да биде Дедал, а неискусниот на сила искусен, тогаш Салиери е Моцарт!
Низ градот се возат украдени автомобили од исчезнати ( убиени лица), автобуси душегупки, а наскоро ќе летаат авиони со болно амбициозни ,,пилоти” кои би да летаат по секоја цена.
Патем и да контролираат. Па ако упадот во собранието беше тероризам, како се вика упадот во кулата на контрола на летот?
Да не е сепак Земјата плоча која во меѓувреме се свртела наопаку, а од НАСА не пријавуваат дека цивилизацијата тежнее надолу?!
Што ли е следно, не смеам да помислам, а ни да летам со авион…
Фото: ФБ/Принтскрин