Проф. Татјана Алексиќ: Епидемија на депресија

tatjana_aleksikj_34534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Епидемија на депресија







10 септември е прогласен за Светски ден за превенција од самоубиства, а 10 октомври Светски ден за заштита на менталното здравје. Само два дена во текот на годината за одбележување на најтешкото нешто во секојдневието на човекот – одлепување на телото од душата, чија болка е поголема од волјата за живот.

Остатокот денови во годината борбата е индивидуална и тегобна. Полни со предрасуди бегаме и од лична и од колективна одговорност за менталното здравје. Смртоносната ,,мода” сѐ почесто му се заканува на светот како епидемија, поубиствена и од канцерот. Секој десетти човек има меланхоличен израз на лицето, не заради природните црти туку заради неприродната состојба на духот и телото.

Најчесто се мисли дека од депресија страда сиромашниот свет, но не е така. Парите, успехот и популарноста не секогаш се атрибути на среќен живот. Данокот на стресот како последица од преголеми ангажмани, премор, одрекувања, самодокажувања, оданочува со седативи, алкохол и дрога како нужно зло. Депресијата е лична војна кога ќе се достигне врвот во кариерата и популарноста без емотивна реализираност. Духовите од несреќното детство, генетската предиспозиција, чувство на вина, недостаток на љубов и разбирање, тешко се справуваат со депресијата на успехот.

Од времето на Клеопатра, која се самоубива со кобра, историјата се полни со славни самоубијци како Ван Гог, Сергеј Јесенин, Владимир Мајаковски, Ернест Хемингвеј и неговата внука Марго Хемингвеј (генетика), Вирџинија Вулф, Џуди Гарленд, Мерлин Монро, фронтменот на Нирвана, режисерот на култните филмови ,,Топ Ган” и ,,Полицаецот од Беверли Хилс” и неодамна починатиот оскаровец Робин Вилијамс.

Од депресија страдале Ханс Кристијан Андерсон, Чарлс Дикенс, Гете, Вилијам Фокнер, Едгар Алан По, Марк Твен, Џорџ Гордон Бајрон, но се излекувале со стручна помош Мел Гипсон, Жан Клод Ван Дам, Камерон Дијаз, Кетрин Зита Џонс, Винона Рајдер, Стинг, Џенет Џексон и Бог знае уште колку обични смртници кои не се на списокот на славните.

Она што постепено но сигурно убива, се смртоносните зборови кои што се паметат до крај на животот.

Врзете го зборот пред да излезе од вас! Човек испушта од себе она што го има во себе.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK