Не мислите дека малце ја претеравме со Ромите? Луѓето се со децении надвор од систем, никој не ги есапи воопшто за живи, само кога треба да се пее на митинзи и да се гласа на избори, тогаш се „рамноправни” граѓани. Без пристап до здравство, образование, отфрлени од секоја институција на општеството и од секое друштво.
Нема оправдување за управување автомобил без возачка, но ако сме искрени што не им организираме бесплатно полагање? Сигурно повеќето подобро возат од многумина со возачка. И колкав е процентот на Роми кои злоупотребиле алкохол или дрога при управување со моторно возило наспроти другите граѓани? Но за пред камера секогаш се добредојдени на нив да се кршат копјата на правдата. Сетете се во короната кога присилно се ставаа луѓе во карантин во тие комбињата со услови кои не беа ни за стока чување.
Таму повторно беа Ромите.
Еве ги сега на телевизии како се извинуваат од дното на душите кон цела Македонија, за закана кажана во афект, која секојдневно може да ја слушнете од Македонци, Албанци и други, по училишта, болници, полициски станици. Барем тие имаат поголемо достоинство да не си ја викаат својата држава „Северна”.
И ние уживаме да ги гледаме како се понижуваат пред цел свет, бидејќи самите немаме душа. Никој не забележа дека сите се со по еден и пол заб, сигурно живеат во картонски куќи, а пораснале на семафори. И да, на секој семафор Сејф Сити ќе детектира регистрации на неодговорни граѓани, и супер е тоа, но ќе продолжи и понатами да ги игнорира децата Роми. Бидејќи тие всушност и не постојат, освен како сензација за филмовите на нашите уметници и перење пари на невладините…