Во принцип секој мост има корисна функција бидејќи овозможува премин на луѓе, возила и стока од една на друга страна на некоја река. Но зборот мост се употребува и за друго значење кое има благородна функција, на пример кога се гради мост на пријателство меѓу држави или меѓу луѓе. Како пример ќе ја спомнам и манифестацијата “Мостови“ во склоп на Струшките вечери на поезијата. На темата мостови се снимени многу познати филмови, меѓу кои се: “Битката на Неретва“, “Мостот на реката Квај“, “Мостовите на округот Медисон“ и др.
Повод да го напишам овој текст е најновиот мост во Скопје кој треба да ја поврзе ул. Љубљанска во Карпош 4 со ул. Скупи од другата страна на реката Вардар со што се скратува патот од Карпош до Злокуќани и Бардовци. Но придобивките ќе бидат уште поголеми кога ќе се продолжи патот до бул. Словенија, односно до Јадранската магистрала со што ќе се растовари клучката со бул. Никола Карев и бул. 8-ми септември. Изградбата на овој мост беше најавена пред неколку години со целосно финансирање од страна на ТАВ (6,2 милиони евра) како компензација за неизградениот карго аеродром Штип.
Градење на мост преку река не е едноставна и лесна работа. Се сеќавам на лектирата што одамна ја имам читано, “Мостот на Дрина“, за која авторот Иво Андриќ доби Нобелова награда. Мост граден под турско ропство во многу тешки услови и со човечки жртви. Бидејќи често се шетам во тој дел на кејот на Вардар, бев сведок на изградбата на најновиот мост. Каква разлика. Гледав како работат околу седум работници, но беше вклучена градежна механизација (два големи крана, булдожер и др.). Изведувач на работите беше ГП “Гранит“. Изградбата на мостот траеше околу две години и заврши во јануари 2024 година. Очекував некое свечено отворање пред парламентарните избори, но тоа не се случи ниту тогаш ниту до денес. Веројатно актуелните политички актери согледуваат дека заслугата ја има некој друг.
Најновиот мост на реката Вардар во Скопје
Овој мост е комплетно изграден со подарени пари и како готов објект му се дава “како на тацна“ на градот Скопје (и на државата), ама не може да се стави во функција бидејќи градот не изградил пристапни улици најверојатно заради проблеми со експрпријација на земјиштето, односно имотно-правни работи. А од почетокот на донесување на одлуката за градење на мостот досега поминаа 4 до 5 години, зарем тоа не е доволно време да се регулираат имотно-правните односи?!
Ова ме асоцира на т.н. мост на Шилегов кој што ја поврзува населбата Аеродром со населбата Ќерамидница преку реката Вардар изграден во 2022 година, а не може да фунционира бидејќи не може да се направи улицата што ќе минува низ Ќерамидница заради нерасчистени имотно-правни работи. Сегашната градоначалничка кога стапи на функција изјави дека тој мост ќе служи за ловење риби, а по некое време даде пооптимистичка изјава дека мостот ќе биде пуштен во функција во 2023 година, но тоа не се случи. Еве сега и најновиот мост ја има истата судбина иако не може да служи ниту за ловење риби бидејќи нема пристап ниту за луѓе. Значи, не може ниту пешки да се помине.
Каков парадокс, многу е посложена и потешка изградбата на мост преку река отколку пристапните улици кои треба само да се тампонираат и афалтираат.
Треба да се земе предвид и фактот дека со новиот мост и приклучните улици се скратува растојанието од Карпош 4 до Злокуќани и Визбегово (бул. Словенија). Со тоа ќе се намали потрошувачката на гориво на возилата, ќе се скрати и времето за патување. Тоа значи дека ќе се растовари сообраќајот во тој дел од градот, особено наутро и попладне кога граѓаните одат и се враќаат од работа. Сегашната состојба со долги колони возила драстично ќе се подобри.
Знаеме дека во тек е изградбата на неколку автопатски делници од страна на “Бехтел и Енка“ и слушаме дека и таму има проблеми околу експропријација на земјиштето кои најверојато ќе ја одолжат изградбата. Такви проблеми имало, а можеби сеуште има, при изградбата на автопатот Кичево – Охрид.
Значи може да се заклучи дека главна пречка при изградба на улици и патишта во Македонија е експропријацијата на земјиштето. Според тоа, се наметнува потребата од итно упростување на постапката, односно менување на соодветните законски акти со цел постапката за експропријација да се спроведува на поефикасен начин во смисла на пократок рок.