Наставник Бумбароски: Почнете да ги подготвувате децата за живот

goce_bumbaroski_3453454
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Почнете да ги подготвувате децата за живот.
Оставете ги дропките, геометријата, овците во Нов Зеланд и климата во Австралија. Њутновите закони и силата и масата и забрзувањето. Историјата и онака се прекројува по волја кој како сака, еднаш предавник-другпат јунак. Учете ги децата како да бидат луѓе.

Научете ги на добрина, како да не бидат безобразни гадови. Зошто ги учите на дропки додека зад вашиот грб малтретитаат некој сирот соученик за неговата искината маичка верувајќи дека тоа е правилно, додека ги удираат сите за кои веруваат дека нема да им вратат?


Зошто ги учите на геометриски облици кога и онака утре кога подобро ќе го запознаат животот сами ќе цртаат кругови околу себе во кои ќе се повлечат од сите? Зошто ги учите за културите во Австралија и ветровите кои таму дуваат, кога сами ќе научат кога ќе избегаат од овде на друг континент?
Сè ќе научат. И колку жители има и каков е стандардот и бруто и нето и бројот на овци ќе го научат ако посакаат да ги чуваат. Зошто им зборувате за полжави кога толку пати ќе се лизнат на слузавата трага која ја оставаат безобзирни дебелокошци сместени таму каде не би требало да бидат?
Зошто им зборувате за симбиоза кога и онака ќе бидат на грбот од родителите до 35-тата? Учете ги како да мислат со своја глава. Учете ги да го користат своите раце, нозе, грб и секој свој мускул, а не туѓ.
Учете ги како да останат на нозе кога животот грубо удира.

Учете ги да пливаат кога брановите стануваат силни , големи и изненадни. Учете ги како да останат мирни кога сè околу нив ќе тргне наопаку.
Учете ги како да останат достоинствени кога некој злонамерник ќе им каже дека се јадни.
Научете ги да се сакаат себе и тогаш кога се дебели, слаби, искинати, гладни, сити, збунети, бубуљичави, несигурни, отфрлени.
Помешајте ги по клупите и учете ги за есенцијата. Учете ги на солидарност и почит. Учете ги да се смеат, тоа посебно.
Преземено…

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK