НЕ СИ КРАТИ ОД ВРЕМЕТО
Со Натан имаме обичај да се бориме. Мислам тоа е комбинација од бркање, борење, ММА, муаи-таи и она старото „кичмење“. Можете да замислите. 😄
Е сега, обично пуштаме тајмер на 5мин., па така три рунди. Кога ѕвони тајмерот трет пат, толку е. Он намирен, јас раат. Мајка Марија исто така. 😁
Пред борбата вечерва, го местам тајмерот на телефонот, па додека ги вртам минутите, наместо од пет, случајно го пуштам да одбројува од четири. Натан не виде. Си помислувам, нема ни да знае дека по минута помалку имаме на рунда, вкупно три ќе скратиме, а јас секако сакав да одморам, не ми беше баш дојдено до борење. Класична родителска „бела лага“.
И така, додека он така разиграно налетува со колено накај мене, мене „ме мава реалноста“. За десет, дваесет, па и триесет години од сега, сигурен сум дека би трампал цело богатство само да ги имам назад овие три минути што сум ги скратил, само да можам одново да го видам како победоносно скока по креветот, радосен и со светнати очиња зашто мисли дека ми ја свиткал раката и ме превртел, го победил тате… ☺️
Овие три минути сега се ништо, он секако нема да знае, ама јас ќе знам. И мене ќе ми биде криво, а тогаш ќе нема назад. Затоа, пуштање тајмерот одново, плус уште една рунда! 😃
Го пишувам ова и уште еднаш констатирам – децата се единствените на светот кои го посакуваат нашето целосно и неподелено внимание, кои се присутни со целото свое битие сега и тука. Ние сме поделени помеѓу минатото и иднината, срам од поранешните падови и стравови од неизвесната иднина. Ете и затоа Христос рече дека мораме да постанеме како децата, ако сакаме да го видиме Царството Небесно…
Да не си кратиме од времето со децата, од радоста со нив, од Царството Небесно исто така. На крај, повторно, за десет-дваесет години од сега не ќе имаме поскапоцени спомени од ваквите, затоа да ги чуваме и цениме овие моменти. Господ да ни е напомош на сите нас во ова нешто.