Полицијата на португалскиот остров Мадеира е во потрага по маж кој ја запали статуа на Кристијано Роналдо, го снимил неговиот чин и го објавил на интернет. Инцидентот се случил во Фуншал, главниот град на Мадеира и родното место на Роналдо.
На видеото се гледа како млад човек истура запалива течност врз бронзена реплика на фудбалерот и ја пали со запалка. Потоа танцува на рап музика. Видеото завршува со тоа што тој покажува среден прст на статуата.
Видеото е снимено во вторник наутро во музејот CR7 и објавено на профилот на Инстаграм под корисничкото име „zaino.tcc.filipe“, каде што авторот е опишан како „личност, фристајлер и локален човек“.
Тој оставил порака со видеото: „Ова е последното предупредување од Бога“.
Во времето на објавувањето, не беше познато дали статуата претрпела трајна штета. Иако пожарот првично се проширил, пламенот брзо бил изгаснат. Патем, статуата веќе беше цел на вандали во 2016 година, кога беше оштетена од навивачите на Лионел Меси.
Бронзената статуа, висока околу 3,3 метри, беше откриена кон крајот на 2014 година во Фуншал, а на церемонијата присуствуваа самиот Роналдо и неговото семејство.
„Ова е многу посебен момент, да имам моја статуа“, изјави тогаш славниот фудбалер.
Во јануари 2016 година, откако Меси ја освои својата петта Златна топка, вандалите напишаа „Меси 10“, со црвена боја на грбот на статуата.
По тој инцидент, статуата беше преместена на нејзината сегашна локација, веднаш до музејот на Роналдо.
Портпаролот на Музејот CR7 потврди дека полицијата се занимава со случајот. Полициски извор во Фуншал им изјави на локалните медиуми: „Сторителот на ова злосторство е идентификуван. Тој е познат овде поради слични претходни ситуации“.