Седум натпревари во Лига Европа се одиграа во вечерниот термин. Манчестер јунајтед имаше лош старт и во ова натпреварување. Победи забележаа Лацио, Андерлехт, Галатасарај и Славија Прага.
На „Олд Трафорд“, Јунајтед не успеа да го победи Твенте. Кристијан Ериксен за само 30 минути пред домашните навивачи го мина патото од херој до трагичар.
Во 35. минута Кристијан Ериксен со десната нога од левата страна ефектно го погоди спротивниот агол од голот на Твенте за 1:0.
Негов трет гол сезонава. Тој неодамна постигна два во Лига купот во убедливата победа против Барнсли (7:0).
Сепак, искусниот Данец погреши во 68. минута, беше невнимателен, ја загуби топката, што го искористи Сем Ламерс и го матираше Андре Онана 1:1.
Избраниците на Ерик Хаг напаѓаа до крајот на мечот, имаа шанси и полушанси, најдобрата ја имаше Хари Мегваер во 92. минута кога шутираше со глава, но извонредно реагираше ветеранот во голот на гостите од Еншеде, Германецот Ларс Унерштал.
Резултати:
Лудогорец – Славија Прага 0:2 (0:1)
/Јурасек 38, Хитил 65/
Динамо Киев – Лацио 0:3 (0:3)
/Дија 5, 35, Деле Башир 34/
Галатасарај – ПАОК 3:1 (1:0)
/Баба 48аг, Акгун 76, Икарди 90+5 – Константелиас 67/
Ница – Реал Сосиедад 1:1 (1:1)
/Росарио 45 – Баренечеа 12/
Митјиланд – Хофенхајм 1:1 (1:0)
/Осорио 42 – Мерстет 90/
Андерлехт – Ференцварош 2:1 (0:0)
/Вершерен 61, Долберг 67пен – Симиќ 87аг/