И пред стартот на сезоната, Шефилд јунајтед беа меѓу првите кандидати за експресно враќање во Чемпионшип, но ниту нивните најлути ривали не очекуваа „блејдс“ да доживеат вистински потоп против Њукасл јунајтед, губејќи со 0:8 на „Брамал лејн“.
Гостите победата ја осигураа во период од 15 минути во првото полувреме со головите на Шон Лонгстаф (22.), Ден Брн (31.) и Свен Ботман (35.), но судбината на тимот на Пол Хекингботам изгледаше очајно во второто полувреме. Калам Вилсон (56.), Ентони Гордон (61.), Мигуел Алмирон (68.), Бруно Гимараеш (73.) и Александер Исак (87.) го декласираа домаќинот.
Ова е трета победа во шест кола за Њукасл (со што се израмнети со Манчестер јунајтед), додека Шефилд се на последното место со 1 поен, колку што имаат и другите два нови премиерлигаши, Барнли и Лутон.