Лече и Милан одиграа спектакуларен меч во рамките на 12.коло во Серија А. Натпреварот заврши 2:2, откако Лече во вториот дел успеа да ја надополни негативата од два гола.
Милан е во криза, тоа го покажа и натпреварот на „Виа дел маре“ стадионот во Лече. Во Серија А, Милан нема победа на последните четири натпревари.
А се добро започна за Стефано Пиоли и неговите избраници. Со головите на Жиру во 28. и Рејндерс во 35.минута, Милан стекна два гола предност. И наместо мирно да го завршат натпреварот, во второто полувреме росо-нерите влегоа во машината на Лече.
Клучен момент беше влегувањето на Сансоне во 63. минута. Три минути по влегувањето на теренот Сансоне намали на 1:2, во 70.минута му асистираше на Банда кој изедначи на 2:2.
До крајот Лече доминираше, но немаше среќа да дојде до трите бода. Ударот на Сансоне во 85.минута заврши во стативата, а во 94.минута спектакуларниот гол на Пиколи од 30 метри го поништи ВАР. Во приемот на топката имаше благ контакт меѓу Пиколи и Тиао.
Милан мечот го заврши со играч помалку, поради бурни протести во 92.минута беше исклучен Оливе Жиру.