Фудбалерите на Интер се пласираа во финалето на италијанскиот Суперкуп. На „Конгдом арена“ во Ријад, актуелниот италијански шампион ја победи Аталанта, во првото полуфинале со 2:0 (0:0). Херојот на Интер е десниот бек, Дензел Дамфрис кој ги постигна двата гола.
Симоне Инзаги го испрати најсилниот тим на теренот, Џанпјеро Гасперини ротираше, Интер беше доминантен во првото полувреме, Лаутаро Мартинез промаши буквално се, а Карнесеки блескаше на голот на Аталанта.
Вториот дел му припадна на Дензел Дамфрис, кој покажа дека може да биде исклучително опасен во нападот.
Се играше во 49. минута кога Бисек со глава ја спушти топката во шеснаесетникот по корнер од десната страна, а таму Дамфрис го доби дуелот со Скалвини, ја прими топката на гради, со грб свртен кон голот, а потоа го фати „ножички“ и мајсторски ја погоди мрежата, за 1:0.
Во 61. минута Бисек во сопствениот шеснаесетник му ја одзеде топката на Адемола Лукман и иницираше молскавичен контранапад кој со прекрасен удар од 18 метри го заврши Дамфрис.
Во последните 30 минути Аталанта нападна со сите „оружја“, голот на Едерсон беше поништен по интервенција од ВАР собата, а потоа голманот на Интер, Зомер му одбрани зицер на Џимшити.
Интер ќе се бори за првиот трофеј во сезоната со победникот од натпреварот Јувентус – Милан кој се игра утре исто така во Ријад.