Фудбалерите на Ливерпул се пласираа во 4. коло од ФА Купот со победата од 4:0 над Акрингтон Стенли.
Ова беше прва победа на „црвените“ по двата разочарувачки резултати во дуелите со Манчестер јунајтед во Премиер лигата (2:2) и Тотенхем во Лига Купот (0:1).
И покрај тоа што Арне Слот на теренот испрати комбиниран состав, навивачите го добија она по што дојдоа, убедлив триумф на нивните миленици.
Натпреварот засекогаш ќе гопамети Рија Нгумоха, кој со 16 години и 135 дена стана најмладиот стартер во историјата на Ливерпул.
Натпреварот го одбележа уште еден тинејџер, резервистот Џејден Денс (18), кој го замени новиот рекордер Нгумоха во 76. минута и набргу потоа се најде на вистинското место во вистинско време, го заврши нападот и го постигна третиот гол.
Стрелци за Ливерпул, покрај Данс, беа и Диого Жота (29), Трент Александер-Арнолд (45) и Федерико Киеза (90).
Тоа беше првиот гол на поранешниот играч на Јувентус за клубот откако се пресели од Италија, а натпреварот денеска го започна од клупата за резерви, во игра влезе во 46.минута на местото од Собослај.