Поранешниот холандски репрезентативец, Рафаел ван дер Варт жестоко го критикуваше англискиот играч за врска Деклан Рајс.
Фудбалерот на Арсенал беше во стартниот состав на секој натпревар на Англија на Европското првенство во Германија. „Топчиите“ за трансферот на Рајс на Вест Хем му платија 116 милиони евра, а неговата моментална вредност на „Трансфермаркт“ е 120 милиони евра.
„Сто и дваесет милиони евра за Деклан Рајс… Што прави? Тој доаѓа по топката, а потоа му ја враќа на Џон Стоунс. Џабе е. Ако вредиш 120 милиони евра, треба да знаеш да додадеш напред“, изјави Холанѓанецот за холандската телевизија НОС.
Ван дер Варт не ги поштеди ниту останатите избраници на Герет Саутгејт. Откако Холандија беше елиминирана од Гордиот Албион во полуфиналето, тој изјави:
„Англија е лоша репрезентација. Имаат врвни играчи, но играат како да не им се игра“.