Заедничката комисија за жалби на Професионалната фудбалска лига (ЛФП) в петок ќе донесе одлука за финансискиот спор меѓу клубот Пари Сен Жермен (ПСЖ) и неговата поранешна ѕвезда Килијан Мбапе, кој наводно е и цел на истрага за силување, според пишувањата на шведските медиуми.
Разгледувањето на досието во овој спор доаѓа во контекст на отворањето на истрага за силување во Шведска, откако Мбапе и неговата придружба го посетија Стокхолм пред две недели. Шведските медиуми пренесуваат дека ѕвездата е во центарот на истрагата.
Шведското обвинителство не спомена никакви имиња, а ниту самиот Мбапе не знае дали тој е предмет на истрага, велат извори блиски до досието. Во првата реакција, Мбапе рече дека тоа се „лажни вести“.
Францускиот фудбалер бара од ПСЖ 55 милиони евра, бидејќи тврди дека во последните месеци во парискиот клуб не добивал плата и бонуси како другите играчи. ПСЖ одбива да ја плати таа сума.
ЛФП првично му наложи на парискиот клуб да му плати на Мбапе, но ПСЖ поднесе жалба до Заедничката комисија за жалби и одлуката се очекува в петок. Во меѓувреме, Мбапе се пресели во Реал Мадрид.