Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел, не е задоволен од фактот што германската репрезентација на паузата од првенството ќе отпатува за САД. Петмина негови играчи се дел од списокот на новиот селектор Џулијан Нагелсман – Џошуа Кимих, Леон Горецка, Томас Милер, Џамал Мусијала и Лирој Сане.
Бидејќи Германците не учествуваат во европските квалификации, тие се упатуваат преку океанот за контроли против САД (12 октомври) и против Мексико (18 октомври).
„Не сум убеден дека има смисла Германија да игра со САД и Мексико пред Европското првенство“ – изјави Тухел.
„Покрај тоа, во последно време имавме многу гостувања. Момците ќе се вратат од оваа турнеја во четврток, а во петок треба да заминеме за Мајнц. Потоа во понеделник заминуваме за Истанбул, потоа имаме домашен натпревар и уште две гостувања. Ќе се најдеме на границата на нашата издржливост“, посочи тренерот на Баерн Минхен.