На 27 октомври 2024 година, во селото Кучково, Општина Ѓорче Петров (кај Крстот), ќе се одржи четвртата трка со препреки во Македонија, организирана од страна на Спортското здружение Отаку.
Предизвикот во Кучково е трчање во должина од 13 километри по планинска патека совладувајќи 18 интензивни препреки. Секој учесник треба да помине низ кал, да се искачи на стрмнини, да се прекачува преку високи ѕидови, да се натпреварува во различни активности, како што се носење товар, ползење и фрлање копје.
По завршувањето на трката, ќе се одржи церемонија за наградување на најдобрите во категориите: мажи, жени и тимови.
„Ги покануваме сите љубители на спортот, авантурата и природата во недела во 11 часот кај Крстот во с. Кучково да ги бодрат натпреварувачите и да уживаат во единствената трка со препреки. Подгответе се за адреналин, кал и многу забава!“, порачаа организаторите на настанот.
Трката со препреки (OCR) има цел да промовира спорт и рекреација, притоа промовирајќи ги и природните убавини и вредности во Македонија.