Македонската женска тениска репрезентација ја продолжи победничката серија во настапите во Били Џин Кинг купот, совладувајќи ги во Скопје попладнево Исланд со максимални 3-0 во рамки на четвртото коло од групата Б во Третата Европска зона.
Својот четврти по ред триумф македонската репрезентација го обезбеди по двата натпревари во поединечна конкуренција во кои Магдалена Стоилковска ја совлада Ана Софија Гронхолм со 2-0 во сетови (6-1, 6-0), а со идентични 2-0 (6-2, 6-0), Лина Ѓорческа беше поуспешна од Софија Солеј Јонасдотир.
Откако победникот беше познат селекторот Димитар Лабудовиќ им даде шанса на помладите тенисерки Ива Данева и Александра Симева, кои во натпреварот во двојки со 6-3, 6-3 беа поуспешни од исландскиот дубл Гронхолм/Јонасдотир.
Со четири победи по четири одиграни кола македонските тенисерки се на лидерското место пред завршниот натпревар од групната фаза утре против Молдавија.