– Светското фудбалско првенство во женска конкуренција, чиј домаќини се Австралија и Нов Зеланд, е на пат да постигне најдобра посетеност во историјата на мундијалските турнири, соопшти денеска ФИФА.
По воведните пет денови бројот на продадени влезници веќе надмина 1.5 милиони, што е нов рекорд во историјата на женскиот фудбал.
Воведните 12 натпревари досега ги следеле 364.000 гледачи, или во просек 30.326 по натпревар. Просечната посетеност на претходното Светско првенство чиј домаќин во 2019 година беше Франција изнесуваше 21.756 гледачи по натпревар.
„Овој турнир испишува историја, и како земја домаќин сме возбудени. Гледаме зголемување на поддршката на женскиот фудбал. Не само во продажбата на влезници, туку и телевизиската гледаност, учеството на фестивалите и продажбата на сувенири поврзани со Светското првенство“, изјави извршниот директор на Фудбалската федерација на Австралија, Џејмс Џонсон.