Откако со шпанската репрезентација ја освои титулата светски првак со победата над Аргентина (1:0), фудбалерот Педро Поро (26) имаше уште една важна мисија – да му го предаде златниот медал од стадионот „МетЛајф“ на својот дедо Антонио Сауседа.
Поро го нарекува својот дедо „главниот виновник за сето ова“, бидејќи токму тој го носел на секој тренинг. Со оглед на тоа што неговите родители работеле до доцна, Педро бил израснат од дедо му и баба му, па затоа Антонио и денес му е како втор татко, пишува Libertad Digital.
„Донеси ми ја дома, сине“, го замолил дедото.
„Дедо, ти ја носам дома“, одговорил Поро, објавувајќи фотографија од соблекувалната по финалето.
Ветувањето го исполнил, а потоа на социјалните мрежи објави снимка од моментот кога му ја предава медалата на својот дедо. Откако Антонио ја ставил околу вратот, фудбалерот на Тотенхем рекол:
„Е, сега е тамам.“
„Еве, ова е гордост. Ти не ни знаеш што сè има во ова“, му возвратил дедото, ставајќи ја раката на срцето.
„Мисијата е исполнета“, додал Поро.
Трогнат од успехот на својот внук, Антонио рекол:
„Сега навистина е готово, сине мој. Дедо конечно ја има медалата дома.“
View this post on Instagram
Свечен пречек и почести во родниот град
Родниот град на Поро, Дон Бенито во шпанската покраина Бадахос, денеска ќе му приреди свечен пречек во спортскиот комплекс што го носи неговото име.
„Ќе биде тоа посебна вечер на која ќе му се заблагодариме за трудот, скромноста и гордоста со кои отсекогаш го претставуваше името на Дон Бенито низ целиот свет“, соопштија од градската управа.
Градоначалничката Елизабет Медина на социјалните мрежи напиша дека ѝ претставува „исклучителна чест“ што ќе го прими светскиот шампион.
Таа додаде дека свеченоста се организира по желба на самиот Поро и дека ќе биде исполнета со емоции и благодарност. За време на официјалниот прием, фудбалерот ќе се запише во Книгата на честа и на тој начин ќе остави траен белег во историјата на градот.
Покрај тоа, Поро ќе ја добие и Медалата на Екстремадура, највисокото признание на оваа шпанска автономна заедница. Одлуката ја објави претседателката на регионалната влада, Марија Гвардиола, кратко откако Шпанија во Соединетите Американски Држави ја освои светската титула.
За Педро Поро
Педро Поро е 26-годишен десен бек со 24 настапи за шпанската репрезентација. Во кариерата настапувал за Жирона, Пералада, Манчестер Сити, Реал Ваљадолид, Спортинг Лисабон и Тотенхем, чиј член е од 2023 година.
На Светското првенство одигра шест од осумте натпревари и беше едно од најпријатните изненадувања во тимот на селекторот Луис де ла Фуенте, бидејќи пред турнирот се очекуваше прв избор на десната бековска позиција да биде Маркос Љоренте.