Шпанските и турските клубови во Евролигата на неодамнешниот состанок во Истанбул биле против Макаби да ја продолжи сезоната во Евролигата, тврдат израелските медуми.
Макаби поради војната во Израел и појасот Газа, како и останатите клубови од оваа земја, мораа да ја напуштат државата. Вчера Евролигата објави дека Макаби натпреварите на кои ќе биде домаќин ќе ги игра во Белград во салата „Александар Николиќ“.
Сепак, ваквиот развој на ситуацијата не им се допаѓа на некои важни членови на караванот во Евролигата.
Израелскиот портал „Вала“ дозна дека претставниците на шпанските (Реал, Барселона, Басконија, Валенсија) и турските клубови (Анадолу Ефес, Фенербахче) на последниот состанок од Евролигата, – на кој се решаваше понатамошната судбина на Макаби, биле против Израелците да го продолжат натпреварувањето.
Тие сметале дека секој натпревар на Макаби повлекува вонредни безбедносни мерки кои сега ќе мора да ги преземе секој клуб, поради зголеменото непријателство кон Израелците. Ова ги зголемува трошоците за организирање на тие натпревари.
На состанокот Макаби добил поддршка од Панатинаикос, Олимпијакос, Милано, како и московската ЦСКА, која, како што е познато, не се натпреварува поради руската инвазија на Украина.
Евролигата не го ставила на гласање предлогот Макаби да биде домаќин во Белград, пренесува споменатиот израелски портал.
Се наведува и дека сопствениците на Макаби, Дејвид и Дени Федерман дури се заканиле дека ќе ја напуштат Евролигата доколку не им биде дозволено да го продолжат натпреварувањето. Потоа се водела дискусија, по што било одлучено тимот до понатамошно известување своите натпревари како домаќин да ги игра во Белград.