Србија не успеа да направи сензација против САД во полуфиналето на Олимписките игри во Париз. Лошата секвенца во периодот од 36 до 38 минута ги однесе Србите во пораз 91:95..
Јокиќ и екипата „в раце“ го држеа Дрим тимот 36 минути, на крајот победи индивидуалниот квалитет и тоа оној на Стеф Кари кој постигна 36 поени, уфрли девет тројки од 14 обиди.
Кари беше клучниот играч на САД особено во првиот дел, кога српските кошаркари „летаа“ по теренот. Тој не дозволи Србите да стекнат повисока предност од 17 поени.
Србија на полувремето водеше со 54:43, а истата предност ја имаше и на влезот во последната четвртина. Јокиќ на седум минути до крајот ја доби четвртата лична грешка што му овозможи на Џоел Ембид да „фати воздух“.
На 3:36 до крајот Американците изедначија на 84:84 и тука беше крајот за Србија. Добија САД и мала помош од судиите, кога во две акции не судеа очигледни чекор прво од Ембид, а потоа и од Џејмс. Американците и во двете ситуации постигнаа поени.
Покрај Кари, кај САД се издвоија Џејмс со 16 поени, 12 скока и 10 асистенции, односно Ембид со 19 поени.
Богдан Богдановиќ ги предводеше Србите со 20 поени, а Никола Јокиќ запиша 17 поени, 11 асистенции и пет скока. Двоцифрен беше и Алекса Аврамовиќ со 15 поени.