Италијанскиот селектор Роберто Манчини е пред отказ од селекторската функција на Саудиска Арабија.
Тамошните медиуми пишуваат дека е само прашање на време кога ќе дојде до официјален прекин на соработката меѓу Италијанците и Фудбалскиот сојуз на оваа арапска земја.
Ваквиот развој на ситуацијата дојде по неколкуте лоши резултати на тимот во квалификациите за СП, поради што e доведен во прашање и пласманот на селекцијата на најголемото натпреварување.
Саудијците се изедначени на второто место во квалификациската група со пет бода, колку што имаат Австралија и Бахреин. Лидер е Јапонија со десет бода.
Се уште ништо не е загубено, но челниците на Сојузот се загрижени поради фактот што тимот победи само еднаш во последните четири натпревари, па оттука, како што тврдат локалните медиуми веќе била донесена одлуката Манчини да добие отказ.
Како замени за Манчини се споменуваат Аргентинецот Рамон Дијаз и Французинот Ерве Ренар, кои наводно веќе биле контактирани.