Џејдон Санчо ги избриша постовите на социјалните мрежи во кои го критикуваше менаџерот на Манчестер јунајтед и тврдеше дека е „жртвено јагне“ во клубот, најавувајќ смирување на ситуацијата откако повеќето англиски медиуми тврдеа дека ќе бара да замине од клубот во јануари.
Санчо не беше вклучен во тимот на Јунајтед кој загуби со 3:1 од Арсенал минатата недела, по што Тен Хаг изјави дека го повлекол од тимот поради слабите перформанси на тренинзите. По ова, Санчо на социјалните мрежи го нарече ова лага и посочи дека сакаат да го покажат како виновник за слабата форма. Тој го имаше ова поставено на насловната страна на сите социјални мрежи, пред во вторникот навечер да го избрише.
Санчо беше поврзуван со изненадувачки трансфер во саудиската лига, но на крајот остана на „Олд Трафорд“ откако „ѓаволите“ бараа секоја позајмица да биде со обврска за купување. Тој во понеделникот беше во тренинг-центарот во Керингтон на разговори со Тен Хаг, но Јунајтед не дадоа никаков коментар и одбија да потврдат дали тој тренирал оваа недела.