Ред Бул мора да го смени болидот во Остин

2024-F1_rd04_Japane_0001_Q_Max_Verstappen_L-large.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ред Бул потврдија дека ќе мора да направат корекции на нивниот болид пред Американското ГП во Остин, бидејќи тоа од нив го побарале од ФИА. Ова е само продолжение на проблемите со кои се соочува тимот во вториот дел од сезоната, чиј прв возач е Макс Ферстапен, трикратен последователен светски шампион и актуелен лидер во шампионатот.


Ривалските тимови ја предупредија ФИА дека Ред Бул има уред во кокпитот со кој може да ја прилагоди висината на подот на болидот. Тие сметаа дека тимот може да направи одредени промени во поставеноста помеѓу квалификациите и трката, што не е дозволено.

„Точно е дека го имаме тој уред, но не може да се користи за време на трката. Ја информиравме ФИА за ова и ни беше кажано дека можеме да го развиеме“, велат од Ред Бул.

Светската автомобилска федерација (ФИА) има друга верзија на приказната.

„Не сакаме некој да биде фаворизиран. Не се дозволени какви било промени помеѓу квалификациите и трката. Правилата важат за сите тимови“.

Макс Ферстапен смета дека оваа одлука на ниту еден начин не му штети на неговиот тим.

„Кога го прочитав, мислев дека се работи за друг тим, а потоа сфатив дека се работи за нас. Никогаш не разговаравме за тоа на тимските состаноци, бидејќи тој уред не може да се користи кога болидот е подготвен за трка. Сето ова нема да има никакво влијание врз моето возење“, изјави Макс.

Свое мислење за целиот случај имаше и неговиот најголем ривал во борбата за тронот, Британецот Ландо Норис.

„Едно е да имаш уред, друга работа е колку го користиш, за што немаме поим. Можно е нешто такво да ви помогне да бидете побрзи десетинка или две во квалификациите, што може да одлучи дали ќе бидете на пол-позицијата или на второто место“.

Тимовите сакаат болидот да биде понизок во квалификациите и повисок за време на самата трка. Во секој случај, оваа предигра ќе ја направи трката во Остин уште поинтересна.

Ферстапен води во шампионатот со 52 бода разлика пред Ландо Норис, но Холанѓанецот нема победа од јуни. Остануваат уште шест трки до крајот на оваа сезона, вклучувајќи ја и оваа во Тексас.

Целата акција во Остин, започнува во петок во 19:30 часот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK