Реал Мадрид и Барселона експресно се огласија откако Европскиот суд на правдата пресуди во корист на европската Суперлига, а против ФИФА и УЕФА.
Во образложението на пресудата се вели дека УЕФА и ФИФА незаконски го блокирале формирањето на ова натпреварување.
„Со големо задоволство ја поздравуваме одлуката на Европскиот суд на правдата. Во наредните денови внимателно ќе ги проучуваме последиците од оваа одлука, која според нас е од големо и историско значење. Европскиот фудбал никогаш нема да биде монопол и од денес клубовите ќе бидат господари на својата судбина. Се гледаме како способни да ги промовираме натпреварувањата што ги сакаме. Европа на слободата триумфираше“, рече претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес.
Во соопштението понатаму се додава:
„Преовладаа правото, разумот и слободата. Пред 70 години направивме огромен чекор со создавањето на Купот на шампионите и сега имаме должност да му го дадеме на фудбалот она што му треба. Тој ќе биде отворен за сите, ќе наметнува спортски правила и ќе го почитува финансискиот фер-плеј. Пред сè, ќе ги заштити играчите и ќе им донесе возбуда на навивачите ширум светот. Никој не рече дека рушењето на монополот ќе биде лесно. Имаме можност да владееме транспарентно, да коегзистираме со новите технологии“.
„Ние сме на почеток на нова ера, ќе можеме да работиме слободно, без закани, со цел воведување иновации и подобрување на фудбалот. Од денес сегашноста и иднината конечно се во рацете на клубовите и навивачите. Нашата судбина ни припаѓа нам и имаме голема одговорност. Ова е голем ден за историјата на фудбалот“, изјави претседателот на Реал.
Во исто време се огласи и Барселона.
„Барселона го изразува своето задоволство од одлуката на Европскиот суд на правдата во која беше прифатен проектот европска Суперлига, предложен од компанијата А 22. Како еден од субјектите во промоцијата на Супер лигата, Барселона смета дека одлуката го отвора патот за ново фудбалско натпреварување на високо ниво во Европа кое му пркоси на монополот во светскиот фудбал, со желба да се понуди дијалог каков треба да биде европскиот натпреварувачки модел во иднина“, велат од Барселона.