Шкендија ја победи Македонија ЃП со 1:0 и сега е осамена на врвот на табелата во Првата фудбалска лига. Ералдо Чинари беше стрелец на победничкиот гол во 59.минута од дуелот.
Брера и Силекс ремизираа во Струмица, 1:1. Марко Ѓорѓиевски се погрижи за 0:1, а Анѓелески во 58.минута не реализира пенал за гостите. Брера успеа да израмни и да освои бод со голот на Трајков во 76.минута.
Струга Трим Лум го победи Работнички со 1:0. Бесарт Ибраими не успеа да искористи пенал, но младиот дефанзивец Идризи го постигна голот за триумф во 50.минута од мечот.
Шкупи со пресврт дојде до триумф од 2:3 на гости против Воска. Домаќините експресно поведоа преку Марушиќ, но потоа голманот Велии направи грешка што ја искористи Суад Сахити.
Дуду во 33.минута се погрижи за пресврт од 1:2, а Арби Воша зголеми на 1:3. Марушиќ од пенал намали на 2:3 во 82.минута.
Гостивар го победи Вардар на СЦ „Борис Трајковски“ во Маџари со 0:2 и го испрати на дното на табелата. Новото засилување Кенхинде со удар со глава донесе предност за гостиварци, а Гоба на крајот го потврди триумфот.
Тиквеш во Кавадарци со пресврт дојде до триумф од 2:1 против Брегалница. Штипјани до предност дојдоа во 28. минута со голот на Колин Андерсон. Сепак, по грешката на Лвалива, Спахиу израмни на 1:1 во 59. минута. Брегалница не искористи пенал преку Венегас во 69.минута, а Иван Ивановски постигна победнички гол за Тиквеш.