Поранешниот капитен на германската репрезентација Филип Лам даде револуционерен предлог. Тој смета дека би било добро за репрезентативниот фудбалот во неговата земја доколку играчите од Бундеслигата се откажат од бонусите и доколку платите на тренерите не ја надминуваат сума од 2.000.000 евра.
„На Ханси Флик наводно му плаќале 6.500.000 евра годишно, а сега Нагелсман ќе добие 4.800.000 евра. Тоа не е добро, сумите се превисоки. Ситуацијата во клубовите е поинаква, но федерациите како Германскиот фудбалски сојуз не треба да даваат повеќе од 2.000.000 евра годишно на ниту еден тренер“, напиша Лам во колумна за „Гардијан“ и продолжи:
„Репрезентацијата игра само 10-15 натпревари годишно, а врвните клубови имаат три до четири пати повеќе натпревари. Најдобрите фудбалери заработуваат од 10 до 20 милиони евра годишно, а некои и повеќе. Дали ќе добијат премија од 100.000 евра за учество на Мундијалот не им е важно. Со откажување од тие бонуси, репрезентативците би ѝ вратиле нешто на државата што им дала можност за кариера и богатство. Тоа би помогнало да се доближи фудбалот до луѓето“.
Лам кариерата ја започна и ја заврши во Баерн Минхен. Дресот на Баерн го носеше од 1995 до 2017 година, со исклучок на период од 2003 до 2005 кога играше како позајмен играч во Штутгарт.