На 85-годишна возраст почина Владимир Цветковиќ, познатиот југословенски кошаркар и долгогодишен генерален секретар на фудбалскиот клуб Црвена звезда. Ќе биде запаметен како елегантен играч под обрачите, но и како еден од творците на најголемиот успех на белградскиот клуб, со кој како официјално лице стигна до титулата европски и светски шампион.
Целата своја играчка кариера, од 1959 до 1972 година, ја помина во Црвена звезда. Со клубот освои две првенства на Југославија (1969 и 1972) и еден национален куп (1971), а девет сезони беше најдобар стрелец на тимот.
Остави подеднакво длабока трага и во дресот на југословенската репрезентација, за која одигра 149 натпревари и постигна 1276 поени. Тој беше клучен член на генерацијата што освои дури четири сребрени медали на големи натпреварувања: Светските првенства во 1963 и 1967 година, Европското првенство во 1969 година и Олимписките игри во Мексико во 1968 година.
Токму во Мексико влезе во историјата на југословенската кошарка кога, во полуфиналниот натпревар против Советскиот Сојуз, смирено ги погоди клучните слободни фрлања за историска победа и пласман во финалето.
По неговата играчка кариера, Цветковиќ, како економист, започна втора, подеднакво успешна кариера како спортски работник. Најдлабок впечаток остави како генерален секретар на Фудбалскиот клуб Црвена звезда, позиција што ја извршуваше 18 години, од 1983 до 2001 година.
Заедно со Драган Џајиќ, тој се смета за најзаслужен за создавањето на тимот што стана европски и светски шампион во 1991 година. Неговиот современ пристап кон управувањето ја претвори Звезда во европски гигант, а за време на неговиот мандат клубот освои 18 трофеи.