Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, ја освои пол-позицијата за трката во спринт како дел од Големата награда на Бразил, во шампионатот на Формула 1.
Младиот Австралиец до пол-позицијата на „Интерлагос“ стигна со круг од 1:08,899 минути, 29 илјадитинки пред тимскиот колега Ландо Норис.
Третото место на стартот ќе го заземе возачот на Ферари, Шарл Леклер, кој заостана повеќе од две десетинки зад Норис.
Актуелниот шампион Макс Верстапен, кој моментално има 47 поени предност пред Норис во генералниот поредок, ја освои четвртата позиција, но поради казната бидејќи менуваше делови во моторот ќе стартува деветти.
Победникот на минатонеделната трка во Мексико Сити Карлос Саинц Јуниор во Ферари имаше петто време, пред возачот на Мерцедес Џорџ Расел и Пјер Гасли од Алпин. Топ десет го комплетираа возачот на РБ тимот Лиам Лосон, Алекс Албон во болидот на Вилијамс и дебитантот Оли Берман, кој го заменува болниот Кевин Магнусен во Хас, барем за спринтот.
Најголемите изненадувања во квалификациите за спринт во Сао Паоло беа забележани во вториот дел, кога беа елиминирани седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон и вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез. Британецот ќе стартува од 12.место, пред Нико Хилкенберг во болидот на Хас, Перез, возачот на Вилијамс Франко Колапинто и Валтери Ботас од Заубер.