Лука Јовиќ пристигна во Милан како слободен играч од Фиорентина во последниот ден од преодниот рок, потпиша едногодишен договор со опција за продолжување на уште три доколку двете страни се задоволни од соработката. Досега за тимот одигра само 167 минути на пет натпревари. Нема постигнато гол.
Реал Мадрид пред четири години го донесе Јовиќ од Ајнтрахт за 63 милиони евра, тогаш беше најскапиот српски фудбалер во историјата. Подоцна неговиот рекорд го собори Душан Влаховиќ со трансфер во Јувентус.
Денеска вредноста на Јовиќ според „Трансфермаркт“ е само осум милиони евра.
Ова го пишува шпански „АС“ и додава дека Милан и понатаму верува во него. Во клубот се сигурни дека се што му треба е еден гол кој ќе му ја врати самодовербата.
Јовиќ постигна само три гола за Реал на 51 одигран натпревар и мадридскиот клуб по година и пол го врати на позајмица во Ајнтрахт, а следната година го пушти бесплатно во Фиорентина. За „виолетовите“ одигра 50 натпревари и постигна 13 гола.