Нејмар, во летото 2017 година ја напушти Барселона и потпиша за Пари Сен Жермен во трансфер кој останува најголем на сите времиња. Клубот од Париз и плати на Барселона 222 милиони евра за да го доведе бразилскиот репрезентативец.
Откако трансферот се случи, на многумина не им беше јасно зошто Нејмар реши да ја напушти Барселона. Зоѓто фудбалерот донел ваква одлука, откри неговиот татко, Нејмар Сениор гостувајќи во еден подкаст.
Тие денови се зборуваше дека Нејмар сака да излезе од сенката на Лионел Меси, свесен дека тој никогаш нема да биде прва ѕвезда на клубот. Се пишуваше и дека сметал дека во ПСЖ полесно ќе ја освои „Златната топка“ која до ден денес ја нема освоено.
Нејмар Сениор тврди дека заминувањето на неговиот син не било финансиски мотивирано, туку дека тој ја напуштил Барселона бидејќи не сакал тој да биде фудбалерот што ќе му ја земе лидерската улога на Меси
„Одлуката да замине беше негова, тој сакаше да замине во ПСЖ. Бевме во тешка ситуација во Барселона, не знаевме што мисли управата на клубот Се чинеше дека во клубот сакаат тој да го заземе местото на Меси, а тој не го сакаше тоа. Јас сакав да остане до последниот ден, но тој сакаше да го напушти клубот, за да не дојде во ситуација да ја преземе улогата на Меси и со тоа да стане најголемата ѕвезда на клубот“, изјави таткото на Нејмар.
Нејмар играше за Барселона од 2013 до 2017 година. Со 105 гола и 76 асистенции во 186 натпревари, тој му помогна на клубот да освои една Лигата на шампионите, две титули во Ла Лига и вкупно осум трофеи. Тој од минатата година е член на Ал Хилал.