Наполи забележа убедлива победа во Лече, во првиот натпревар од 7.коло во Серија А. Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмаз, победата на својот тим ја гледаше од клупата за резерви.
Наполи на сличен начин ги постигна првите два гола. Првиот беше дело на Остигард во 16.минута, кој со глава погоди по слободниот удар на Пјотр Зјелински.
Прашањето на победникот практично го реши Осимен, кој влезе во игра по паузата и го искористи идеалниот центаршут на Кварацкелиа и со помош на стативата го совлада Фалконе.
Резервата Џанлука Гаетано се истакна во финишот со гол, а потоа избори и пенал во судиското надополнување.
Гаетано го замени Зјелински во 83. минута, а пет минути подоцна со прецизен удар ја погоди мрежата на Лече, а Матео Политано постигна гол од пеналво 95. минута.
Наполи сега се искачи на третото место, со 14 бодови, еден помалку од Интер и Милан. Од друга страна Лече е седми со 11 бодови, исто толку колку и Фиорентина.