Фудбалерот на Наполи, Виктор Осимен поднел барање за трансфер во актуелниот преоден рок, соопшти поранешниот шампион на Италија.
Спортскиот директор на Наполи, Џовани Мана изјави за италијанските медиуми дека не е загрижен за потенцијалното заминување на Нигериецот бидејќи верува дека напаѓачите кои се дел од тимот се способни да го надоместат придонесот на Осимен.
„Виктор побара да го напушти клубот. Смирени сме бидејќи веќе имаме играчи кои можат на адекватен начин да го заменат“, изјави Мана и додаде:
„Не сакаме да го нарушиме интегритетот на тимот, важно е да го зачуваме. Ќе видиме што ќе се случи во следниот период“.
Наполи минатото лето одби бројни понуди за напаѓачот, а во актуелниот преоден рок наводно за Виктор биле заинтересирани Париз Сен Жермен, Челзи, Арсенал и клубови од Саудиска Арабија.
Овој 25-годишен фудбалер е член на Наполи од 2020 година, кога пристигна од Лил за 75 милиони евра. Претходно играше за Шарлот и Волфсбург.
Осимен за Наполи одигра 133 натпревари, постигна 76 гола и забележа уште 18 асистенции.