Извор/ ffm.mk
Селекторот на Македонија, Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за претстојните два натпревари против Летонија и Ерменија на гостински терен во Лигаta на Нации. На списокот од 25 фудбалери, дебитант е дефанзивниот фудбалер на словачка Жилина, Андреј Стојчевски.
„Што се однесува до списокот, за жал повторно имаме некои повреди на фудбалери кои беа непланирани. Трапановски нема да игра поради повреда на тренинг. Ќе мора да паузира четири до шест седмици. Се надевам дека Трајковски ќе биде подготвен и ќе ни биде на располагање. За жал, Дарко Велковски нема клуб и жалам што не е во посакуваната форма. Не сум задоволен од статусот на Елези во тимот на Бохум. Тој е професионалец и ќе даде сè од себе да се наметне во клубот. Потребен ни е таков играч, беше со нас на минатите собири и се разбира дека сметаме на него во иднина“, рече Милевски и поота образложи зошто во националниот тим е повикан Стојчевски.
„Имаме проблеми со дефанзивата, особено со жолти картони и поради тоа е повикан Стојчевски за да биде дел од ротацијата. Останатите се надевам дека ќе бидат здрави пред се, а потоа и способни да се стават во функција на тимот. Во моментов ми е најважно здравјето на фудбалерите. Не можеме да зборуваме за натпреварувачка форма, тимот го градиме веќе три години и не сме во позиција да го менуваме секој собир. Тие фудбалери кои се повикани се најдобри во моментот, без разлика за формата. Секогаш се тука за Македонија и тоа е најважно“.
Во овој циклус Македонија ќе гостува кај Летонија на 10.октомви и кај Ерменија три дена подоцна.
„Нè очекуваат уште четири меча, секој од нив е подеднакво важен. Сега играме на гости со Летонија и Ерменија. Ме радува фактот и се надевам така ќе остане, дека сè зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега“.
По првите две кола Македонија е водечка во групата со четири бода пред Ерменија и Летонија кои имаат по три.