Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ, го коментираше синоќешниот дебакл на „кралскиот клуб“ во Лигата на шампионите. Реал на домашен терен загуби од Милан (1:3). Ова е втор натпревар на кој Реал прими најмалку три гола, претходно загуби 0:4 во дербито од Барселона. По четири рунди Реал има скор од две победи и два порази.
“Ми беше жал за Реал. Реал Мадрид минува низ многу во моментов… Мојот впечаток е дека тимот му се лизна од рацете на Анчелоти. Со промените кои ги направи, тој практично не знаеше од каде да почне со тимот или како тимот треба да реагира за да се обиде да се врати. Карло направи промени со цел да ја подобри играта, но тие не беа многу добри“, изјави Мијатовиќ за Радио Кадена Сер.
Мијатовиќ беше дел од клубот од Мадрид како играч од 1996 до 1999 година, а зборуваше и за немањето амбиција како потенцијална причина за лошите резултати.
„После две-три одлични години, со се што освои, тимот малку се опушти. Тоа е јасно. Не знам дали Анчелоти има способност да реагира. Не знам дали има способност да ја рестартира целата ситуација. Мислам дека има многу играчи кои не се среќни. Играат помалку него што мислеа дека ќе играат…Постои ситуација која ме загрижува. Анчелоти не може да им каже: „морате да го правите она што јас ќе ви кажам“. Тој сега слуша премногу мислења. Не е во истата позиција во која што беше изминатите години“, рече Мијатовиќ.
Реал во следното коло го очекува уште еден тежок натпревар, ќе гостува кај Ливерпул.