Лионел Меси е на чекор до ново испишување историја и втора последователна титула светски шампион со Аргентина.
Во големото финале, заедно со останатите членови на својата „банда“, ќе се обиде да ја одбрани титулата светски првак, нешто што досега им успеало само на Бразил со Пеле во 1958 и 1962 година, како и на Италија во 1934 и 1938 година.
Меси беше вистински лидер на тимот, ја водеше репрезентацијата до големи победи и пресврти во нокаут-фазата и ја преземаше одговорноста во најтешките моменти, кога Аргентина беше на работ на елиминација.
Аргентинците покажаа каков победнички менталитет поседуваат и не потклекнаа кога беа пред испаѓање, и против Египет и против Англија, а сега против фаворизираната Шпанија ќе се обидат да направат нов подвиг.
Во пресрет на финалето, Лионел Меси се огласи преку Инстаграм и испрати силна порака до својот народ, со која уште еднаш покажа каков тим има Аргентина, во кој играчите дишат еден за друг и претставуваат вистинско семејство. Пораката ја објави заедно со групна фотографија од играчите и стручниот штаб.
„Најубавото во сите овие години не беа само освоените титули, туку целиот пат што го поминавме заедно. Да го делиме секојдневието со оваа група, да се натпреваруваме заедно, да се поддржуваме во тешките моменти и да уживаме во секој чекор.
Им благодарам на секој од моите соиграчи, на стручниот штаб и на сите луѓе кои секој ден работат оваа репрезентација да остане едно големо семејство.
Што и да се случи утре, оваа група веќе испиша историја која никогаш нема да ја заборавиме и која никој нема да може да ја избрише.
Напред, Аргентина!“
Финалето е закажано за 21 часот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси. Аргентина досега има три светски титули, а Шпанија една.